„Многу пати досега практично, на дело, е потврдено неспорното значење и улога што ја имала и ја има Единицата за специјални задачи, од востановувањето до денес. Впрочем нејзината, еве речиси - четиридецениска историја е исклучително важно сведоштво како во поглед на нејзиниот развој од 1981 година наваму, но уште повеќе и за нејзиното незаменливо место во полицискиот организационен и безбедносен систем на Министерството за внатрешни работи“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на одбележувањето на 38 години од формирањето на ЕСЗ.
„Во сите активности, планови, проекции на Министерството, како во минатото така и денес, функционалноста, ефикасноста, стручноста на Единицата секогаш била и е во самиот врв на приоритетите во секојдневното наше работење. Оттаму, со право може да се констатира дека Единицата за специјални задачи на МВР ниту во техничко-материјалниот дел, ниту во професионално-стручниот и кадровски дел денес по ништо не заостанува од сродните полициско организациски единици на земјите од регионот и од Европа. Се разбира, ова не значи дека треба да се застане во инвестирањето во нови знаења и искуства или во нови техничко-технолошки подобрувања. Напротив, јас го тврдам спротивното: таа висока позиционираност и квалитет се силно обврзувачки и мотивирачки да продолжиме уште поинтензивно во процесите на севкупна професионално унапредување и надградба на овој суштински столб на полициското работење“, рече министерот Спасовски.
Како актуелно раководство на МВР, потенцира Спасовски, наша примарна обврска е постојано да бидеме насочени кон воспоставувањето на услови и стандарди кои ќе значат динамично приспособување на единицата кон сите зададени безбедносни предизвици и задачи.
„Да се биде припадник на оваа едниница колку што е голема обврска, во иста мера е и голема чест. Обврска која бара исполнување многу високи индивидуални човечки перформанси и професионални стандарди. И чест, а тоа мора отворено да се каже - да се заслужи членството во најелитната полициска формација. Ова, пак, значи дека пред вас почитувани колеги, припадници на Единицата за специјални задачи, стојат и големи очекувања. Јас немам дилема дека како досега, така и во иднина ќе ја докажувате својата стручна и лична посветеност кон професијата која сте ја одбрале, но и примарно кон заштитата и безбедноста на законите и на граѓаните на нашата земја, што таа професија ви ги одредува како базични работни задачи. Во текот на годините на постоењето на Единицата, наши колеги ги дадоа своите животи извршувајќи ги своите професионални задачи. Тоа е огромен залог кој што никогаш нема да го заборавиме. Залог кој што не обврзува и вас како сегашни припадници и нас како актуелно раководство да го чуваме и негуваме споменот на нашите јунаци“, рече министерот Спасовски.
Оваа единица е синоним за професионалност, максимална подготвеност и храброст, подготвена да се спротивстави на каков и да е зададен предизвик. Тоа многу пати до сега е докажано и ќе биде докажувано во иднина, рече министерот Спасовски честитајќи им го на припадниците на ЕСЗ Денот на Единицата, посакувајќи им успех како на личен така и на професионален план.
Припадниците на ЕСЗ денеска ги демонстрираа своите вештини преку показна вежба на алпинистичкиот тим, заедно со хеликоптерската единица на МВР.