На 27.02.2019 во Советот на град Скопје, а во насока на што поквалитетна реализација на проектот “За безбеден град“, се одржа меѓуинституционална кординативна средба на која што учествуваа и претставници на Одделението за превенција при СВР Скопје, како и претставници од средните училишта на подрачјето на главниот град.
Целта на средбата беше координирањето на активностите на сите инволвирани страни во проектот „За безбеден град“, чија што, пак, примарна цел е намалување на насилството во средните училишта во Скопје.
На средбата беа дискутирани потребите од преземање активности за подобрување на севкупната безбедност на учениците, како и намалување на сите облици на насилство и непримерно однесување на средношколците. За таа цел работната група донесе одлука во секое училиште да се формираат тимови составени од претставници на стручните служби во училиштето, од МВР и од агенцијата за обезбедување во училиштата, чија цел ќе биде превентивно деjствување, рана детекција на насилство и соодветно дејствување за истото. Исто така на средбата беше предложено зголемување и засилување на превентивите активности со предлог иницијатива за формирање на тимови составени од училишните педагози, полициски службеници, инспектор за малолетничка деликвенција и претставници од советите на родители заради рана превенција на причините за непримерно однесување и за нарушување на дисциплината во училиштата. Наедно беше предложено и дополнително организирање на дебати со учениците во сите средни училишта на тема меѓуврсничко насилство.
Проектот „За безбеден град“ беше презентиран минатата година, поддржан е од Град Скопје, и со него се опфатени повеќе теми, како зголемувањето на јавната безбедност, спречување на насилството во јавниот превоз и на автобуските
постојки, како и спречување на насилство за време на спортските натпревари. Со овој проект во текот на минатата година беа реализирани 138 превентивни активности во 15 средни училишта.
Инаку, Одделение за превенција при СВР Скопје во континуитет, во соработка со Секторот за образование на Град Скопје, работи на спроведување проекти и активности за зголемување на безбедноста на учениците, како и на намалување на насилство во средните училишта во Скопје.