02 октомври 2018

Министерот Спасовски на Регионалниот семинар–Борба против трговија со оружје и експлозиви во Западен Балкан

 Борбата против сите облици на криминал е еден од стратешките приоритети и заложби на Владата на Република Македонија, а пред се на Министерството за внатрешни работи, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на Регионалниот семинар –Борба против трговија со оружје и експлозиви во Западен Балкан - Примена на нови технологии во борбата против трговијата со оружје , што денес и утре се одржува во Скопје во организација на Министерството за внатрешни работи – Дирекцијата за меѓународна соработка на Република Франција во партнерство со Министерството за надворешни работи на Република Франција. 

-Неопходно e интензивирање на соработката како на регионално ниво, така и пошироко. Oсобено важно е да се воспостави соодветен систем за евиденција и контрола на оружјето, кој ќе помогне во понатамошните постапки за пронаоѓање на оружјето со кое евентуално се сторило одредено кривично дело, а со тоа и самиот сторител на кривичното дело- рече Спасовски.

Како членка на Обединетите нации, Македонија во континуитет презема активности за реализирање на обврските кои што произлегуваат од релевантните конвенции и други документи во областа нa контролата на оружјето. Во таа насока Република Македонија во домашната регулатива доследно и целосно ги имплементира меѓународни документи, протоколи, договори од областа на оружјето, и експлозивните материи.