01 јануари 2018

Подбрувањето на условите за работа на полицајците и безбедноста на граѓаните останува наш врвен приотитет и во 2018 година

 “Денеска го посетивме Секторот за внатрешни работи како еден од најзначајните сектори, од прва рака да добиеме увид како мина новогодишната ноќ. Сакам да ве информирам дека навистина имаме големо намалување на кривичните дела и прекршоци што се случиле во новогодишната ноќ во споредбено со 2016, односно 2017 година, при што имаме еден тренд на намалување“. Ова меѓу другот го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при неговата денешна работна посета на Секторот за внатрешни работи Скопје.

Министерот Спасовски кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Лазе Велковски имаа средба со раководството на СВР Скопје, истакна дека во споредба со 37 кривични и десетте прекршочни дела евидентирани при пречекот на 2017 година, синоќа од 21 часот вечерта до осум часот утринава беа евидентирани девет кривични дела и осум прекршочни дела, притоа нагласувајќи дека веројатно таа бројка за малку ќе биде зголемена со оглед дека дополнително се пријавени уште неколку настани на чие што расчистување се работи.

Министерот Спасовски оцени дека во главно состојбата во текот на новогодишната прослава може да се окарактеризира како мирна и стабилна од аспект на безбедноста и јавниот ред и мир, така што генерално министерството за внатрешни работи може да биде задоволно од она што е сработено во текот на ноќта но и претходно во деновите пред празниците, особено во делот на превенцијата и едукација на јавноста околу употребата на пиротехничките средства и огненото оружје.“Навистина состојба која што може да не прави задоволни, но и состојба која покажува дека ако се работи во континуитет, подолго време превентивно, ќе има и резултати. Така што очекувам дека ваквите активности, ваквата работа на министерството ќе ја интензивираме и во 2018 година, ќе работиме многу на подобрување на условите на работа на полициските службеници,и заеднички со граѓаните да допринесеме за побезбедна Република Македонија“, нагласи, меѓу другото министерот Спасовски.

Во рамки на посетата и средба со раководството на СВР Скопје министерот Спасовски беше информиран околу повеќе битни теми од функционирањето на овој, инаку, најголем Сектор за внатрешни работи, чиј што обем и специфика на работа го издвојува во споредба со останатите сектори за внатрешни работи, а пред се во насока на поефикасно и поквалитетно работење на скопската полиција, како и приоритетите што во наредниот период ќе треба да се реализираат со цел подинамично зголемување на оперативната функционалност и ефикасност на службите во рамки на овој Сектор за внатрешни работи.