18 септември 2017

Потпишан Меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за взаемно користење на експертски услуги, простор и опрема. Преку потпишувањето на овој Меморандум за соработка се овозможува и поактивна практична настава, што е особено важно за студентите од Институтот за безбедност, одбрана и мир, за нивно стекнување на поголеми вештини и знаења во текот на студиите.

Министерот Спасовски денеска присуствуваше и на првиот академски час на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје. Во своето обраќање пред студентите, министерот Спасовски рече дека тие отвараат

ново поглавје во нивните животи и им пожелува годините што се пред нив да ги искористат што подобро и поквалитетно, особено вооружувајќи се со знаење и стручност кои ќе им користат лично и професионално, но ќе бидат и корисни за општеството.    

 

„Министерството за внатрешни работи било и ќе биде тука, отворено за соработка не само во делот на имплементација на современи научни сознанија и искуства од областа на безбедноста, но и во делот на практичното ангажирање на млади образовани кадри за потребите на институцијата. Досегашниот дисконтинуитет особено во делот на неискористувањето на потенцијалите на млади образовани луѓе, пред се на оние најдобрите, не е никому од полза, ниту вам ниту на МВР ниту на општеството генерално земено. Оттаму сакам да ве уверам дека се сериозни нашите намери, преку организационо и структурно реформирање на министерството, да влеземе во еден нов процес на вклучување, конкретно и практично, на оние најдобрите млади кадри во системот на работа на Министерството за внатрешни работи“ рече министерот Спасовски.