Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација Н.Е. Сибил Зутер Техада.
Амбасадорката на Швајцарската Конфедерација му го честита изборот на министерот Спасовски и му посака успешна работа. Таа ги потенцира одличните односи меѓу двете земји и решеноста на Швајцарската конфедерација максимално да и помогне на Република Македонија. Во тој правец е и поддршката за македонската полиција преку низа проекти, финансирани од оваа пријателска земја.
Министерот Спасовски се заблагодари на честитките и досегашната соработка со Швајцарија и изрази уверување дека таа во иднина ќе биде уште посодржајна. Тој ја потенцира решеноста за спроведување на реформи во македонската полиција, за што од голема полза ќе биде и помошта од пријателските земји каква што е Швајцарија.
Во 2005 година е потпишан договор за полициска соработка меѓу двете земји и двајцата соговорници се согласија дека оваа соработка е на високо ниво, но дека има простор таа уште да се подобри и за таа цел се договорени и конкретни мерки.
Соговорниците на денешната средба ја потенцираа и потребата од соработка за надминување на заканите на глобално ниво, пред се околу борбата против тероризмот и насилниот радикализам, борбата против корупцијата и проблемот со мигрантите.
Министерот Спасовски ја информира амбасадорката на Швајцарската Конфедерација дека многу скоро ќе биде формиран Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, кој како една од приоритетните активности ќе ја има подготовката на државна стратегија за сузбивање на радикализацијата и насилниот екстремизам, со акциски план и изменување на националната стратегија и акцискиот план за борба против тероризмот. Тој ги потенцира и мерките кои се преземаат за ресоцијализација на луѓето кои веќе бие на боиштата во кризните региони.