Денеска (14.02.), полициски службеници од СВР Битола на целата територија на СВР Битола реализираа активности од едукативно-превентивната кампања - „Не пиј кога возиш“.
Целта на кампањата беше насочена кон подигнување на степенот на безбедносна култура и на свеста кај граѓаните за зголемена внимателност и будност кај сите учесници во сообраќајот а пред се кај возачите, што треба да придонесе за повисока безбедност во сообраќајот. Притоа, полициските службеници од Отсекот за превенција, во соработка со полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Битола, Прилеп, Демир Хисар, Ресен и Крушево, и во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќај на патиштата, на повеќе пунктови во градовите и во приградските населби, на возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот, низ непосредна комуникација им укажуваа на доследно придржување кон правилата и прописите во сообраќајот, потоа за почитување на поставената сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и исклучиво придржување кон дозволената брзина на движење со моторни возила и некористење мобилни телефони во текот на возењето.
Посебно беше посочено дека, управување моторно возило под дејство на алкохол нема да биде толерирано и дека законските санкции, во такви случаи, ќе бидат доследно и неселективно применувани. На возачите на моторни возила, им беа поделени летоци и друг едукативен материјал со низа практични совети кои водат кон јакнење на личната, но и на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.