Денеска (30.01.) полициски службеници од Полициското одделение за безбедност во сообраќајот на ОВР Ресен при СВР Битола, во детската градинка „11 Септември“ во Ресен одржаа едукативно предавање на тема – „Безбедност на децата во сообраќајот“. Притоа, најмалите учесници во сообраќајот најпрво беа запознати со работните задачи на полицаецот-сообраќаец, со неговите обврски и задачи како и со средствата за работа при сообрќајните контроли и надзори, а потоа им беа пренесени оние основни информации за сообраќајните правила и прописи важни за децата како учесници во сообраќајот, било како пешаци или при возење велосипеди, тротинети, електрични тротинети. Особено внимание се посвети на важноста од почитување на сообраќајните прописи како најбитни за сигурно и безбедно учество во сообраќајот.
Вчера, пак, Отсекот за превенција при СВР Битола, во основното училиште „Гоце Делчев“ во село Српци, општина Могила, реализира едукативни работилници на темата – „Превенција од насилство - меѓуврсничко насилство“ и „Превенција од меѓуврсничко насилство – булинг“. Основна цел на едукативните работилници беше информирање и запознавање на учениците како да се детектираат, односно препознаат ваквите девијантни појави и да се подигне свеста и безбедносната култура во насока на благовремена превенција и заштита.
Исто така, вчера во градскиот пазар и централното подрачје на Битола, полициски службеници од СВР Битола реализираа превентивна активност во насока на поголема заштита на граѓаните од измами, кражби, разбојништва. За време на сите активности беше поделен едукативен материјал.