Денеска (29.01.) од страна на полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, заедно со полициски службеници од ОВР Неготино, во Средното општинско училиште „Кирил и Методиј“ во Неготино, за учениците од прва до четврта година беше реализирано едукативно предавање на тема „Последици од болести на зависности“.
Целта на превентивно-едукативната активност беше информирање на младите за штетноста по здравјето од користењето наркотици, формите и манифестацијата на зависноста, агресивното и асоционалното однесување како последица од користење на наркотици, како и другите негативни влијанија кои ги има дрогата врз развојот на младата личност. Учениците беа запознати и со штетните последици од други болести на зависности како што се алкохолот, цигарите, а воедно им беше укажувано на внимателност при користење на социјалните мрежи, односно неприфаќање на било какви постирани предизвици, кои може да им наштетат.
Исто така, од страна на полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци, на подрачјето на Кавадарци, реализирани се превентивни активности од областа на безбедноста во сообраќајот, каде полициските службеници во непосредна комуникација со возачите укажуваа за потребата од стриктно почитување на сообраќајните правила и прописи, пред се од аспект на личната и колективната безбедност во сообраќајот, особено сега во зима, кога условите на патиштата бараат максимална внимателност. Воедно на возачите им беа поделени едукативни летоци изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со корисни информативни содржини во интерес на безбедноста во сообраќајот.