27 декември 2024

Превентивни активности на СВР Охрид

Вчера (26.12.2024) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и ПС за ОН Струга во соработка со Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија Скопје,  одржаа едукативно предавање во рамките на кампањата под мотото "Петарди не, безбедност пред се" во СОУ „Ибраим Темо“ и СОУ  „Јахја Кемал“  во Струга. Низ интерактивна комуникација со учениците, беа презентирани низа информации за штетноста и опасностите по психо-физичкото здравје од неовластено користење петарди и други пиротехнички средства, им се укажа на можните повреди и деформитети на телото кои петардите можат да ги предизвикаат кај луѓето, посебно кај младата популација. Секако, учениците беа запознаени и со казнените одредби поради нелегална употреба на пиротехника. 

ОВР Струга, деновиве интензивно ја спроведува и кампањата „Вози одговорно, патувај сигурно“. Притоа, полициски службеници на повеќе контролни пунктови во градот и приградските сообраќајници, низ непосредна комуникација со возачите, ги потсетуваа на законските обврски за почитување на сообраќајните правила и прописи, доследно придржување до пропишаната брзина на движење со возилата, како и за законската обврска за задолжително поседување зимска опрема при управување моторни возила  во и надвор од населени места. На возачите им беа поделени и едукативни летоци со практични совети за безбедност во сообраќајот.