19 декември 2024

„Петарди не– безбедност пред се“, превентивна активност на СВР Битола и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија

Вчера (18.12.) во средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола во соработка со лекари од Клиниката за  пластична и реконструктивна хирургија  одржаа трибина пред учениците од средното училиште, а во врска со актуелната тема околу злоупотребата на пиротехнички средства, особено сега во пресрет на Новогодишните и Божикните празници.  

На трибината,  од страна на лекарите беше нагласен ризикот од употребата на пиротехнички средства по здравјето на децата. Покрај другото, учениците беа запознаени со законските одредби поврзани со набавување и продажба на петарди и други пиротехнички средства. 
Исто така, во текот на вчерашниот ден, полициски службеници од СВР Битола во соработка со невладина организација „Сумнал“ од Битола во средното училиште „Таки Даскалот“ во Битола одржаа работилница на тема – „Заштита од семејно насилство“ како и превенција од врсничко насилство, односно булинг кај младата популација.
Полициски службеници од полициското одделение Новаци, пак вчера со сопствениците на колонијални продавници реализираа средба насочена кон поголема заштита на бизнисот и безбедност од кражби, измами и разбојништва.
 
На целото подрачје на СВР Битола во текот на вчерашниот ден, како и денеска, полициските станици и одделенија за безбедност на сообраќајот на патиштата реализираа превентивни активности насочени кон побезбеден сообраќај во зимски услови.