Денеска (16.12.) полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола во средното училиште „Наум Охридски“ спроведоа превентивна активност во врска со темата за превенција од користење пиротехнички средства. Притоа, на учениците им беа поделени едукативни материјали и им беше посочено дека петардите предизвикуваат стрес и интензивно чувство на вознемиреност како кај луѓето така и кај животните. Факт е дека огромен број на луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив поголем дел се деца. Исто така беше потенцирано и дека Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните. А согласно Кривичниот законик, во член 396 се предвидени казни заради недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што според член (1): „Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години“; и (2) „Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор“.
Инаку, покрај ова, Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола заедно со Отсекот за превенција реализираа едукативна работилница во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во село Бистрица, битолско, каде на учениците им се укажуваше за почитување на основните сообраќајните правила и прописи во сообраќајот при што покрај презентацијата на децата им беше поделен и едукативен материјал.