04 декември 2024

Едукативни работилници на СВР Скопје


Денеска (04.12.) Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со полициски службеници од ПО Мирковци, во основните општински училишта „Св. Кирил и Методиј“ во село Кучевиште и „Александар Урдаревски“ во село Чучер Сандево, одржа едукативни работилници на темите околу насилството и злоупотребата на пиротехнички средства.
Едукативните работилници беа спроведени согласно превентивниот проект „Безбедност во училиштата“, и учениците преку наменски подготвена видео презентација беа запознати со темите, како и начините за заштита и пријавување на овој вид девијатни однесувања.

Во рамки на работилниците, на учениците им беа презентирани и објаснети начините за препознавање и заштита од меѓуврсничко насилство и превенција од насилство на социјалните мрежи, а се со цел зголемување на безбедноста и намалување на насилството помеѓу учениците. Посебно акцент беше ставен на појавата на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови и дека овој вид на насилство е една од највидливите форми на манифестирање на агресивност преку физичките напади, навреди и омаловажување меѓу врсниците, соучениците, меѓу помалите и постарите ученици како и со лица дојдени од надвор во училиштата.

По однос пак на проблематиката со злоупотребата на пиротехничките средства на децата, им беше појаснето какви се последици може да настанат, како и законската регулатива која предвидува казни за малолетници над 14 годишна возраст и глоба од 200-500 евра, а за малолетници кои не наполниле 14 години, глобата кон старателите изнесува 600-800 евра.

Дополнително, во општината Чаир во организација на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа беше реализирана трибина по повод 16 дена активизам против семејно насилство, насилство врз млади и родово базирано насилство врз жени. На трибината учествуваа ученици од осмо и деветто одделение.