03 декември 2024

Превентивен проект на СВР Тетово за безбеден сообраќај во зима

 Секторот за внатрешни работи Тетово-  Отсекот за превенција со почетокот на зимската сезона започна со одржување на работни состаноци со претставници на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта- секции Тетово, Гостивар, Стража и Маврово, кои се надлежни за одржување на локалните патишта и улици на своето подрачје и со претставниците од Центарот за управување со кризи Тетово, се со цел согледување на состојбата и подготвеноста на службите да дејствуваат во зимски услови. Додека, Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта започнува со 24 часовно дежурство на пунктовите во Тетово, Гостивар, Стража и Маврово со доволен број на човечки и материјално технички капацитети за безбедно одржување на патната инфраструктура за време на зимската сезона.

Со цел навремено превенирање и подобрување на состојбата во сообраќајот во зимски услови, Отсекот за превенција во соработка со полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар ќе преземат превентивни мерки и активности во делокругот на своите надлежности, при што на учесниците во сообраќајот предвидено е да им се делат летоци со наменска едукативна содржина, ќе се врши проверка на исправноста на пневматиците и носењето на зимска опрема согласно законските прописи, а ќе се спроведат и сообраќајни поуки во просториите на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар, редовно ќе се следи состојбата на патиштата, ќе се остварува редовна комуникација со надлежните органи за чистење и одржување на патиштата.