Отсекот за превенција при СВР Велес продолжува со превентивните активности, овој пат насочени кон сопствениците и возачите на земјоделска механизација - трактори и приклучна механизација. Така, денеска (03.09.) на регионалниот пат Кавадарци-Росоман реализирана беше сообраќајно превентивна акција со којашто на оваа категорија на возачи им беше укажувано дека е неопходно доследно почитување на законските одредби. При тоа, особено беше нагласено дека пред да се вклучат во сообраќај, неопходно е да ги доведат своите возила во исправна техничка состојба, особено во поглед на светлосната сигнализација, како и уредите за управување и кочење.
Целта на овие превентивни активности е насочена кон подигање на безбедносната свест и на оваа категорија учесници во сообраќајот, а во интерес на превенција од сообраќајни незгоди во кои учествуваат овој вид возила, а најмногу се резултат на техничките недостатоци.