Вчера (01.08.2024), Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Охрид во соработка со ОВР Дебар, на подрачјето на Дебар, ја спроведоа превентивната кампања „Полициско-родителска патрола“. Мешаните патроли составени од полициски службеници од Одделението за превенција, родители, претставници на Советот на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа, како и на Центарот за социјални работи, извршија обиколка на угостителските објекти, како и на одредени места на отворен простор каде во ноќните часови најчесто се собираат и задржуваат младите во Дебар.
Целта на кампањата беше родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски објекти и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните проблеми со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања. Практично, преку мешаните патроли, односно преку поширока општествена акција се зацврстува партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, и се придонесува кон зголемување на степенот на безбедноста. Пред се во насока на намалување на можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, подигнување на нивната свест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, како и доследно почитување на законските одредби, пред се од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.