11 јули 2024

„Носи кацига, вози безбедно“, превентивна активност на СВР Струмица

Денеска (11.07.2024) на повеќе локации на подрачјето на Струмица, полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на сообраќајот на патиштата Струмица спроведуваат превентивна активност под мотото „Носи кацига, вози безбедно“. Оваа активност се реализира во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Мото асоцијација на Македонија на МК клубови.

Преку делење на летоци со едукативна содржина полициските службеници и советниците од РСБСП ги потсетуваат возачите на мотори, мопеди, но и возачите на електрични тротинети за обврската и потребата да носат заштитна кацига, со што значително ќе ја зголемат својата безбедност, односно носењето кацига може да го спаси нивниот живот.

Во првите шест месеци од минатата 2023 година на подрачје на СВР Струмица имало 3 жртви во сообраќајни несреќи, кои управувале или се превезувале на мотор, а во шестте месеци од 2024 година нема загинати мотоциклисти. Покрај превентивните акции, на подрачјето на СВР Струмица продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата. Ова се однесува и на возачите на мотори, мопеди и електрични тротинети. Како резултат на овие засилени контроли во месец јуни оваа година, на подрачје на Струмица се санкционирани 66 возачи кои не користеле кацига, а во месец јуни 2023 година бројот на санкционирани возачи кои не носеле кацига бил 45.