15 јуни 2024

Превентивни активности на СВР Битола

Полициски службеници од СВР Битола, денеска (15.06), на повеќе локации кои водат кон шумските предели и излетничките места, особено во близина на населени места на подрачјето на Македонски брод реализираа превентивни активности во рамките на проектот - „Заштита од пожари“, а посветени на превенцијата и мерките за заштита од шумски пожари и заштита од бесправна сеча на шуми.
Преку делење на летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“, како и во непосредна комуникација со граѓаните, полициските службеници укажуваа за законските санкции во поглед на предизвикувањето на пожари и во поглед на бесправното сечење на шумите, а секако и за потенцијалните штети што тие може да ги предизвикаат за животната средина и шумскиот фонд.
Покрај ова, полициските службеници од Отсекот за превенција на СВР Битола и Полициската станица за безбедност во сообраќајот денеска во Битола и на излезите од градот на возачите на моторни возила, посебно оние на товарните возила, реализираа превентивна активност со препорака за заштита од топлотниот бран под мото „Вози одморен“ при што им поделија ладна вода и споделија препораки и совети за безбеден сообраќај.
Исто така, и полициски службеници од ОВР Крушево во Старата крушевска чаршија реализираа превентивни активности на темите: „Бизнисот и безбедноста“ и „Заштита од кражби и измами“. Притоа, во непосредна комуникација со граѓаните посебно во околината на Градскиот пазар и централното подрачје на Крушево , беа споделени низа совети и информации за поголема внимателност и заштита од кражби и измами, потоа за штетноста и последиците од користењето огнено оружје при прослави и веселби, за почитување на Законот за јавниот ред и мир и почитување на Законот за оружје.

Во делот, пак, на безбедноста во сообраќајот на подрачје на Ресен, во активностите на полициски службеници од ОВР Ресен акцент беше ставен на превентивната активност под мотото „Користи кацига“, при што на возачите на мотоцикли дополнително, покрај укажувањата за внимателност, им беа делени и летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со РСБСП.
Воедно и ОВР Демир Хисар и ОВР Прилеп реализираа низа превентивни активности за безбеден сообраќај и заштита на граѓаните од измами, кражби, разбојништва како и заштита од пожари.