05 јуни 2024

„Запознавање со професијата на мојот полицаец“ и „И јас и ти сме пешаци“ - превентивни активности во Кочани и Штип

 На 04.06.2024 во Јавната општинска установа детска градинка „Павлина Велјанова“ - објект „Ѕвездички“ во Кочани, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Кочани одржаа превентивна активност на тема „Запознавање со професијата на мојот полицаец“ со дечињата од средна и голема група.

Притоа, на децата им беа презентирани секојдневните активности и работата на полициските службеници, дел од полициската униформа која ја поседува и користи секој полицаец при секојдневното извршување на работните активности, како и полициските возила кои ги користи полицијата.

Преку комуникација на децата од детската градинка им беше објаснета важноста на почитување на сообраќајните знаци и како треба безбедно да се учествува во сообраќајот. Целта на превентивната активност е приближување на полицијата до децата како најмлада категорија на граѓани, развивање на нивната безбедносна култура, развивање на чувството на припадност и прифаќање на полицијата како нивен пријател.

Исто така, Отсекот за превенција при СВР Штип во централното градско подрачје во Штип спроведе превентивно - едукативна активност на тема „И јас и ти сме пешаци“, при што на пешаците, како директни учесници во сообраќајот, им беа давани совети и препораки за почитување на сообраќајните правила и прописи со цел севкупна безбедност во сообраќајот. На пешаците им беа делени и летоци со едукативна содржина.