29 април 2024

Превентивна активност на СВР Куманово за побезбеден сообраќај

Изминатиот викенд полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово одржаа финален натпревар за ученици од средни училишта во Куманово на тема „Научи-положи-биди одговорен, кажи: СТОП на сообраќајни незгоди!“

За натпреварот беа пријавени вкупно 320 ученици, при што во двата квалификациски циклуса учествуваа по 160 ученици. Во финалниот дел влегоа 83 ученика, а од нив во супер финалето што се одржа завчера (27.04.) во СОУ „Наце Буѓони“ се пласира 29 ученици со освоени максимален број на поени, а станува збор за ученици од трета и четврта година од сите средните училишта на подрачје на општина Куманово.

По завршување на натпреварот, во присуство на сите членови од авто школи и претставници на средните училишта, беше спроведен свечениот чин на доделување на ваучери за полагање на возачки испит од Б категорија на најуспешните, а од страна на претседателот на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патишта им беа доделени дипломи на сите ученици, како и благодарници од страна на Отсек за превенција при СВР Куманово на сите авто школи и училишта за успешно спроведените активности. Вакви натпревари се одржаа и во Крива Паланка и Кратово.