Полициски службеници од СВР Битола, денеска (28.03), на повеќе локации кои водат кон шумските предели и излетничките места, особено во близина на населени места на подрачјето на општините Новаци, Могила и во битолското подрачје реализираа превентивни активности во рамките на проектот - „Заштита од пожари“ а посветени на превенцијата и мерките за заштита од шумски пожари и заштита од бесправна сеча на шуми.
Преку делење на летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“, како и во непосредна комуникација со граѓаните, полициските службеници укажуваа за законските санкции во поглед на предизвикувањето на пожари и во поглед на бесправното сечење на шумите, а секако и за потенцијалните штети што тие може да ги предизвикаат за животната средина и шумскиот фонд.
Покрај ова, полициските службеници од Отсекот за превенција во текот на вчерашниот ден, во Старата битолска чаршија реализираа превентивни активности на темите: „Бизнисот и безбедноста“ и „Заштита од кражби и измами“. Притоа, во непосредна комуникација со граѓаните посебно во околината на Градскиот пазар и централното подрачје на Битола, беа споделени низа совети и информации за поголема внимателност и заштита од кражби и измами, потоа за штетноста и последиците од користењето огнено оружје при прослави и веселби, за почитување на Законот за јавниот ред и мир и почитување на Законот за оружје.
Во делот, пак, на безбедноста во сообраќајот на подрачје на СВР Битола, акцент беше ставен на превентивната активност под мотото „Користи појас“, и „Паркирај совесно и одговорно“ при што на возачите дополнително, покрај укажувањата за внимателност, им беа делени и летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со РСБСП.