Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со ОБПС во просториите на Полициските станици од општа надлежност „Кисела Вода“ и „Гази Баба“ реализираше четири сообраќајни превентивно-едукативни предавања, односно сообраќајни поуки согласно чл. 358 од Законот за сообраќај. Со сообраќајните поуки беа опфатени граѓани кои сториле сообраќајни прекршоци за кои е предвидена глоба до 50 евра во денарска противвредност, односно прекршоците: „несоодветно преминување на улица во улога на пешак“, согласно чл. 116 и чл.118 од Законот за безбедност во сообраќај; „несоодветно запирање и паркирање“ согласно чл.63 и чл.66 од Законот за безбедност во сообраќајот; и „користење на мобилен телефон за време на управување со моторно возило“, согласно чл. 24 од Законот за безбедност во сообраќајот.
Инаку, целта на ваквиот вид на превентивно едукативни предавања, како посебна нормирана воспитна мерка, е дополнително да се влијае и укаже на опасностите што можат да ги донесат сообраќајните прекршоци, и да се делува во насока на зголемување на сообраќајната култура, безбедносната свест и чувството за колективна одговорност во сообраќајот.