Превентивни активности на СВР Тетово
Полициски службеници на СВР Тетово - Отсек за превенција, во содејство со Шумска полиција, денеска (24 март) на неколку пунктови долж регионалниот пат Тетово - Волковија спроведоа повеќе активности под мотото „Пламените јазици се незапирливи". На голем број граѓани, претежно возачи им делеа наменски изработени летоци со информации и совети - како и што треба да прават и направат да превенираат настанување на пожари. Притоа, посебно им беше укажано да се воздржат од палење огнови на отворен простор, на ниви и во шумски подрачја, да не фрлаат опушоци и неизгаснати догорчиња и пред се да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништа на нивите во Полошкиот регион. Возачите, исто така, беа поблиску запознаени и со законските импликации за намерно или од невнимание предизвикување на пожари, а што претставува и кривично дело, зависно од околностите и крајните материјални и други последици.
Денешните активности беа во координација со МВР, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство - Шумска полиција и Јавното претпријатие „Национални шуми“. Нивна цел е подигнување на превентивната свест и култура на граѓаните за спречување на пожарите и за зачувување на шумите и другата вегетација во регионот.