08 март 2024

Превентивни активности на СВР Тетово за побезбеден сообраќај

Полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово - Отсек за превенција, Полициската станица за безбедност на сообраќајот Тетово и Одделението за безбедност на патниот сообраќај Гостивар, по повод Осми март-Меѓународниот ден на жената, денеска (08.03) реализираа повеќе превентивни активности во Тетово и Гостивар.

На припаднички на понежниот пол - возачи или сопатнички во возилата, на неколку пунктови во централните градски подрачја, им беа поделени наменски изработени едукативни материјали во соработка со РСБСП, а со конкретни, практични совети секогаш и секаде да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да возат совесно, одговорно. Исто така, беа споделени и информации за потребата од задолжително користење сигурносни појаси, но и за воздржување од употреба на мобилни телефони додека возат, како и други корисни совети за нивна лична и за вкупната безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Целта на денешните активности кои се поддржани и од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност-Скопје е подигнување на сообраќајната свест во функција на поголема безбедност на патиштата во регионот и пошироко во земјата.