Денеска ( 2 март) полициски службеници на СВР Тетово-Отсек за превенција и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово спроведоа повеќе активности под мотото „Стави појас". Активностите беа реализирани во централното подрачје на Тетово, а со нив беа опфатени повеќе возачи и сопатници на кои им се делеа наменски изработени летоци и освежувачи за возила, со пораки за задолжително користење на сигурносни појаси од возачите, но и од патниците во возилата.
Со нив, исто така, беа споделени конкретни, практични информации - зошто треба да ги користат појасите, без разлика дали се патува на покуси или подолги релации, а беа потсетени и на законските санкции предвидени за некористење на вакви појаси во и надвор од населени места. Денешните и активностите што ќе се следат и на гостиварското подрачје беа во содејство и координација со МВР, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност - Скопје, а нивна цел е подигнување на сообраќајната свест, култура и безбедност на возачите и патниците на подрачјето на СВР Тетово и пошироко.