29 февруари 2024

Реализирани бројни едукативно превентивни активности на подрачјето на СВР Скопје


Денеска (29.02.2024) Одделението за превенција при СВР Скопје во координација со полициски службеници од полициската станица „Ѓорче Петров“ и од полициското одделение „Шуто Оризари“ реализираа превентивно едукативни работилници со ученици од Клубовите за превенција при основните општински училишта „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ и „Јоаким Крчовски“ (Ѓорче Петров) на тема „Трговија со луѓе“, како и со ученици од Клубот за превенција при ОУ „26-ти Јули“ (Шуто Оризари) на тема –„Зависности“.

Притоа преку наменски подготвени видео презентации учениците беа запознаени со темите, со формите на трговија со луѓе, пред се кога се во прашање малолетни лица, како и за зависностите особено оние од користење дрога или други психотропни супстанци. Исто така беше говорено за кривично правните, социјалните, здравствените аспекти што ги следат овие незаконски и социо-девијатни појави.

И во текот на вчерашниот ден Одделението за превенција при СВР согласно годишниот план за превентивни активности во делот на заштитата и превенцијата од имотни деликти под мотото „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“, на подрачје на ПС Центар, поточно во реонот кај “Меморијалнот центар на холокаустот на Евреите“ и кај Националната арена „Тодор Проески“, спроведоа превентивна активност преку делење на едукативен материјал во форма на летоци со едукативни пораки од областа на имотните деликти и разговор со граѓаните.

Целта на оваа превентивна активност беше подигнување на безбедносната свест кај возачите преку посочување на мерки за самозаштита од тешки кражби од нивните автомобили. Едукативниот материјал беше поставуван и на паркираните возила, а на возачите на кои им беше поделен едукативниот материјал им беше посочено да не оставаат вредни предмети во своите автомобили, за да не се предизвика оштетување на возилата во обид за кражба.