Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата вчера (31.01.) на подрачјето на ПО Сарај, односно на наплатната рампа „Глумово“ реализираше сообраќајно-превентивна активност под мотото – „Биди подготвен за безбедно патување во зима“.
Во рамки на активностите, од страна на полициски службеници на возачите им беа поделени едукативни летоци, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со пораки за одговорно управување на возилата во зимски услови и почитување на позитивната законска регулатива.
Исто така, во непосредните разговори, на возачите им беше укажано на правилата кои треба да се почитуваат за безбедно управување со моторно возило, за задолжителното прилагодување на брзината спрема условите на патот, задолжително носење на заштитен појас, некористење на мобилен телефон при возење, а особено беше потенцирано да не се вози под дејство на алкохол.
Покрај ова, вчера и на подрачјето на ПО Шуто Оризари од страна на полициски службеници беше реализирана едукативна работилница во рамки на проектот „Безбедност во училиштата“ со учениците од Клубот за превенција при ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“ а на тема „Превенција од насилство на социјалните мрежи“.
Присутните ученици беа запознаени што претставува сајбер насилството, како полесно да го препознаат и како да го спречат, односно да се заштитат од злоупотреба. Притоа, на учениците им беа споделени совети и насоки како да останат безбедни на интернет, а доколку на социјалните мрежи забележат дека некој ги вознемирува или навредува, каде тоа да го пријават.