Денеска (07.01.2024) од страна на Отсекот за превенција при СВР Велес на подрачјето на Велес, Кавадарци и Неготино беше реализирана сообраќајно-превентивна акција под мотото: „Ако возиш, немој да пиеш“ и „Биди подготвен за безбедно патување во зима“.
Во рамки на активностите на полициските службеници, на возачите им беа поделени едукативни летоци, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со пораки за одговорно управување на возилата за време на празничните денови.
Исто така, во непосредни разговори на возачите им беше укажано на правилата кои треба да се почитуваат за безбедно управување со моторно возило, за задолжителното прилагодување на брзината спрема условите на патот, задолжителното носење на заштитен појас, некористењето на мобилни телефони при возење, а особено беше потенцирано да не се вози под дејство на алкохол.