Во рамките на планираните превентивни активности на СВР Тетово за соработка и непосредна вклученост на Советодавните групи на граѓани во конкретни активности на подрачјето, вчера (26.12) се одржа состанок во Општина Теарце. На состанокот тема за која најмногу се расправаше беше користењето на огнено оружје на семејни и други свечености и продажбата и активирањето на петарди и други пиротехнички средства пред и во текот на претстојните празници. Притоа, на граѓаните им беше потенцирано да се воздржат од свадбени пукања, неовластено приредување огномети или употреба на разновидна пиротехника, без разлика на поводот. На присутните на состанокот им беа презентирани и законските импликации поврзани со ваквите појави од прекршочна или кривична природа.
На состанокот, исто така, стана збор и за одржувањето на сообраќајниците во зимски услови, но и на потребата од максимална внимателност во сообраќајот, пред се поради зголемениот број возила на подрачјето. Во таа насока беше упатен и апел до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, задолжително да поседуваат зимска опрема, да не седнуваат зад управувачот под дејство на алкохол или без возачка дозвола. Со тоа, според кажаното од повеќемина учесници на состанокот, ќе се придонесе за поголема безбедност во сообраќајот и за избегнување на несакани појави и последици.
Инаку, во текот на овој месец на подрачјето на СВР Тетово ваков вид активности беа реализирани со дваесетина Советодавни групи на граѓани, а наредниве денови ќе следат и уште неколку.