26 декември 2023

Превентивни активности на СВР Битола

Денеска (26.12.) полициски службеници од СВР Битола, во пресрет на Новогодишните и на Божикните празници, во Битола, Ресен, Прилеп, Крушево, Демир Хисар и Македонски Брод, спроведоа превентивна активност за потсетување на возачите за важноста на почитувањето на правилата и прописите во сообраќајот за време на претстојните празници.

Притоа на возачите особено им беше препорачано да не конзумираат алкохол кога планираат да управуваат со моторно возило, и доколку конзумираат алкохол за време на новогодишните празници тогаш да користат такси услуги или јавен превоз, потоа да ја прилагодат брзината според условите на патот, да користат сигурносен појас, да избегнуваат нагло сопирање на возилото. Исто така, полициските службеници од сообраќајната полиција на СВР Битола упатија апел за одговорно учество во сообраќајот и внимателно возење за време на новогодишните празници и почитување на правилата од сите учесници во сообраќајот при што на возачите им потенцираа дека за безбедно прославување на новогодишните и божиќни празници мора да се почитуваат максимално сообраќајните правила и прописи и да се следат насоките кои ги даваат полициските службеници од сообраќајната полиција.

Инаку, и денеска полициски службеници од СВР Битола реализираа превентивни активности под мото „Петарди НЕ, безбедност пред се“ во средни училишта во Битола, Прилеп и Демир Хисар каде што заедно со медицински лица одржаа стручни предавања околу ризиците од употреба на петарди и други пиротехнички средства. Покрај ова, учениците поблиску беа запознати и со законските последици од нелегалното набавување и продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства.