26 декември 2023

„Петарди НЕ, безбедност пред се“, превентивни активности на СВР Тетово и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје

Денеска (26.12.) се одржаа превентивно-едукативни предавања во две средни училишта на тетовското подрачје, во склоп на заедничката кампања на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје и Министерството за внатрешни работи, а чие мото е „Петарди НЕ, безбедност пред се“.

На предавањата што ги одржаа лекари од оваа Клиника и полициски службеници на СВР Тетово-Отсек за превенција, учениците подробно беа информирани за ризиците од купување и употреба на петарди и други пиротехнички средства и на здравствените, психолошките и другите можни последици од користењето на ваквите средства. Покрај тоа, учениците беа непосредно запознати и со законските последици, прекршочни и кривични, доколку поединци и покрај се ја прекршат законската регулатива и посебно доколку користат пиротехника на јавни места, на улици, во дворови пред објекти или во влезови на станбени згради.

Со оваа кампања беа опфатени сите средни училишта на тетовско-гостиварското подрачје, а нивните ученици со слики и збор имаа можност да слушнат и видат што се може да се случи ако посегнат по петарди, огномети и друга пиротехника и дека неретко тоа може да заврши и со траен инвалидитет.