Денеска (23.12.), Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на подрачје на Полициското одделение Петровец, поточно на излез од град Скопје, на наплатна рампа Миладиновци, спроведоа превентивна активност од областа на безбедноста во сообраќајот.
Во разговор со возачите и преку делење на едукативен печатен материјал изработен со поддршка од РСБСП со информативни содржини од областа на сообраќајот, на учесниците во сообраќајот им се укажуваше на неопходноста од почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата. Притоа особено беше потенцирана законската обврска кај возачите за почитување на потребата од користење на зимска опрема во периодот од 15-ти ноември до 15-ти март, согласно законските норми. На возачите на кои им беше поделен едукативниот материјал им беше посочено дека е задолжително поседување и користење на зимска опрема, во наведениот период.