Во рамки на заедничките превентивно едукативни активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје денеска (20 декември) беа посетени две тетовски општински средни училишта, „Никола Штејн“ и „Осми Септември“.
Шест претставници (лекари) од оваа Клиника во содејство и координација со полициски службеници од Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово одржаа стручни предавања-презентации на кои присуствуваа ученици од вкупно 18 паралелки. На предавањата посебно беше нагласен од лекарите ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на учениците, пред се од повреди на рацете, очите и другите делови на телата.
Покрај ова, учениците поблиску беа запознати и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови пред објекти, во влезови на станбени згради или училишта и слично. Тие беа и информирани дека продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно може да се санкционира и со кривични пријави, зависно од околностите и крајните последици.
Вакви предавања за утре се закажани во уште две тетовски општински средни училишта „Кирил Пејчиновиќ“ и „Моша Пијаде“. Целта на кампањата чие мото е „Петарди НЕ, безбедност пред се“ е подигнување на свеста кај младите во пресрет на серијата празници, да не купуваат и активираат разновидни пиротехнички средства.