Денеска (14 декември) на гостиварското подрачје стартуваше превентивно-едукативниот проект „Безбедни училишта и меѓуетничка толеранција“, а кој од крајот на минатиот месец веќе се спроведува на тетовското подрачје. Со овој проект вкупно ќе бидат опфатени околу 2000 ученици во прва година од Полошкиот регион, а негов иницијатор и носител е Отсекот за превенција на СВР Тетово и се планира да заврши до крајот на првото полугодие од учебната година.
Полициските службеници од СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар на посебни часови ги информираат учениците за последиците од насилството и за потребата да се воздржат од инциденти и насилно однесување, не само во училиштата, туку и надвор од нив. Тие, исто така, поблиску ги запознаваат и со негативните последици од говорот на омраза и од неговото користење на социјалните мрежи, но и во обичната секојдневна комуникација со други лица. На учениците им се советува да практикуваат меѓусебно разбирање и почитување, без етнички, верски и други предрасуди, меѓутоа и да градат взаемна доверба и почитување на различностите. Исто така и да градат партнерски однос со полицијата, темелен на доверба и почитување, со што ќе придонесат за поголема безбедност во училиштата и надвор од нив.