Полициски службеници од полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола денеска (12.12.) на подрачјето на Битола спроведоа едукативна акција под мотото „Биди одговорен возач- не користи мобилен телефон“.
Полициските службеници на повеќе локации во и околу Битола во непосреден контакт со возачите укажуваа на важноста од одговорно и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, пред се во поглед на недозволеното користење на мобилни телефони при возење. Исто така, на возачите им беа поделени и едукативни печатени материјали изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со информативни содржини и корисни совети за учeсниците во сообраќајот.
Покрај ова, и полициски службеници од ОВР Македонски Брод исто така денеска, реализираа превентивна активност „Користи зимска опрема“ при што во непосреден разговор со возачите и преку делење летоци со едукативна содржина тие ги информираа граѓаните што се подразбира под зимска опрема, како и за потребата од нивно внимателно возење не само во време на снежни врнежи, туку и во период на ниски температури и појава на голомразица на коловозот. Воедно, возачите беа потсетени дека при секое констатирано непостапување по оваа законска обврска, ќе им бидат издавани прекршочни платни налози согласно член 361 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој е пропишана глоба за ваквите прекршоци во висина од 45 евра.
И во останатите организациони единици при СВР Битола односно во ОВР Демир Хисар и во ОВР Ресен беа реализирани превентивни активности околу незаконското користење на пиротехнички средства и заштитата од џебни кражби, а во поглед на одбележувањето на Денот на превенцијата во текот на вчерашниот ден ОВР Прилеп го посетија ученици од основните училишта во Прилеп.