05 декември 2023

Реализирана превентивно-едукативна активност на тема „Сурфај безбедно и внимателно споделувај“ на подрачјето на СВР Тетово

Денеска, во основното училиште „Наим Фрашери“ во гостиварско Неготино беше одржана превентивно-едукативна активност со учениците од седмо и осмо одделение, од страна на стручно обучени полициски службеници од Полициското одделение Галате, кои пред стотина основци од ова училиште одржаа предавање на тема „Сурфај безбедно и внимателно споделувај“.

Во рамки на предавањето учениците поблиску беа запознаени како најефикасно да се заштитат од евентуални злоупотреби на социјалните мрежи, посебно кога контактираат со непознати лица. Учениците беа информирани и за тоа - што значи и како се манифестира говорот на омраза кој поединци неретко го користат на социјалните мрежи, но и со законските импликации предвидени за такви случаи. Денешното предавање во Неготино организирано и координирано од Отсекот за превенција на СВР Тетово, беше реализирано на барање на менаџментот на училиштето, а во функција на подигнување на превентивната свест и култура при користење на социјалните мрежи.

Инаку, повеќе активности со иста цел и содржина годинава беа реализирани со учениците во прва година и од средните училишта во Полошкиот регион, планирани во посебно подготвен проект.