На 28.11.2023 година (вторник), Секторот за внатрешни работи Тетово во Тетово започна со практична реализација и имплементација на превентивно-едукативниот проект „Безбедност во училиштата и меѓуетничка толеранција“, чиј носител е Отсекот за превенција при СВР Тетово. Со овој проект кој се планира да заврши до крајот на годинава, ќе бидат опфатени околу 2000 ученици во прва година од средните училишта на тетовско-гостиварското подрачје.
Стручно обучени полициски службеници на СВР Тетово поблиску ќе ги запознаваат учениците со негативните законски и други последици од насилство и други форми на асоцијално однесување во и надвор од училиштата. Покрај тоа, интерактивно ќе се дебатира и за булингот, говорот на омраза и за други негативни појави, пред се поврзани со комуницирање на младите на социјалните мрежи.
Целта на овој проект е зајакнување на мултиетничноста меѓу младите, ефикасно справување со девијантните појави, афирмација на меѓусебното почитување на вредностите на другиот но и градење на партнерски однос и меѓусебна доверба помеѓу младите и полицијата.