Денеска (11.11.2023) полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје заедно со полициски службеници од ПС од ОН Карпош на подрачјето на оваа полициска станица реализираа превентивна активност за заштита од тешки кражби од моторни возила.
Имено, на паркинг просторот на Средно Водно и на патот кон „Македонско село“ на граѓаните им беа делени летоци, но и преку директна комуникација им беа давани совети како да се заштитат од кражби од нивните моторни возила. Притоа, секако посебно беше истакнато во своите возила да не оставаат вредни предмети, кога ги паркираат, бидејќи на тој начин можат да станат мета на кражба од нивното моторно возило.
Инаку и вчера, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, реализираа превентивни активности, односно беа одржани две едукативни работилници посветени на темата – „Насилството и сајбер булинг“ со учениците од осмо одделение во основното училиште „Владо Тасевски“ на подрачјето на ПС од ОН Карпош во Скопје.
Притоа, на работилниците беа презентирани различните форми и механизми за заштита од насилството во и надвор училиштата, како и околу сајбер булингот, насилството преку социјалните мрежи. Основната цел на едукативната работилница всушност беше подобрувањето на личната и на севкупната безбедност на учениците во образовно – воспитните установи, како и благовремено превенирање на сите облици и видови на насилство помеѓу учениците. На учениците им беа презентирани и законските последици што ги носи со себе насилничкото поведение.