Денеска (10.11.) на градскиот пазар во Штип, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип и од Полициската станица од општа надлежност Штип, реализираа едукативна кампања за заштита од џебни кражби. За време на активноста преку непосредна комуникација со граѓаните и со делење на информативни летоци, како и корисни совети за заштита, полициските службеници им укажуваа на граѓаните за овој облик на имотни деликти и начините на заштита. На граѓаните им беше потенцирана и неопходноста од соработка и навремена комуникација со полицијата преку точно и брзо пријавување на бесплатните телефонски броеви 112 и 192.
Покрај ова, денеска и на повеќе локации во централното градско подрачје во Делчево и Виница полициски службеници од Одделенијата за внатрешни работи Делчево и Виница при СВР Штип реализираа превентивни активности од областа на сообраќајот и сообраќајната безбедност а под мотото – „Биди подготвен за безбедно патување во зима“. Притоа, на возачите учесници во сообраќајот им беа поделени летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со РСБСП и им беше појаснето за важноста и обврските за поседување и носење на зимска опрема во возилата, а во пресрет на почетокот на зимската сезона. Главна цел беше на учесниците во сообраќајот, да им се потенцира доколку не се почитуваат сообраќајните правила, во зимски услови, може да се случат сообраќајни незгоди со потешки последици. Инаку, законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата започнува од 15 ноември и трае до 15 март идната година.