25 октомври 2023

„Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, превентивна активност на СВР Битола

Денеска (25.10.) од страна на полициски службеници од полициската станица за безбедност на сообраќајот при Секторот за внатрешни работи Битола, беше спроведена едукативна работилница во подрачните основни училишта „Крсте Петков Мисирков" во с. Кишава и с. Граешница, битолско на тема „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, како дел од превентивниот проект „Безбедно од дома до училиште“. На едукативните работилници, дечињата беа запознаени со основните сообраќајни правила и прописи, за важноста од нивно почитување, за тоа како да се однесуваат како пешаци, но и кога возат тротинет или велосипед.

На децата исто така им беа појаснети значењето и важноста на хоризонталната и светлосната сигнализација, како и за задачите и обврските на еден униформиран полициски службеник – сообраќаец. На учениците по одржаната едукативна работилница им беше поделен соодветен едукативен печатен материјал, изработен во соработка со Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот Битола.