Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ во соработка со претставници од Дирекцијата за заштита и спасување, односно подрачната единица на ДСЗ-Кавадарци, денеска (18.10) реализираа превентивни активности на тема „Неексплодирани убојни средства“ и „заштита од шумски пожари“ во населените места Крњево, Чемерско, Горна и Долна Бошава и одморалиштето Михајлово.
Притоа, на средбите граѓаните беа информирани за сите аспекти – безбедносни и законски во делот на пронаоѓањето на експлозивни средства кои што најчесто потекнуваат од периодот на светските војни, а исто така се зборуваше и за одговорностите во зачувување на шумите од пожари. Дополнително, на граѓаните им беа делени и едукативни летоци со информативни содржини околу посочените теми.