Денеска (03.10.) полициски службеници од ОВР Прилеп при СВР Битола, за учениците од Основното општинско училиште „Кире Гаврилоски“ во Прилеп реализираа едукативна работилница од областа на сообраќајната безбедност под мотото „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
На работилницата полициските службеници ги запознаа децата со сообраќајните правила и прописи кои што конкретно се однесуваат на нивната безбедност како учесници во сообраќајот, односно како пешаци и велосипедисти. Дел од работилницата беше посветен и на запознавање на децата со улогата и задачите на сообраќајниот полицаец, со дел од неговите технички средства за работа, а воедно на децата им беа поделени наменски изработени печатени едукативни материјали, обезбедени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Покрај ова, а во рамки на континуираните превентивни активности на Секторот за внатрешни работи Битола, денеска, и полициски службеници од ОВР Демир Хисар на подрачјето на Демир Хисар и излезите од градот како и во село Сопотница, демирхисарско, реализираа превентивна активност од областа на заштита од пожари.
Притоа, полициските службеници во непосредна комуникација со возачите и патниците посветија особено внимание на опасноста од фрлањето запаливи отпадоци на патиштата, како една од главните причини за пожарите на отворено, кои што не ретко може да ги зафатат и шумските површини.
Дополнително полициските службеници на возачите им споделија и летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“. Исто така, и полициски службеници од ОВР Крушево реализираа превентивно-едукативни активности од областа на сообраќајот под мотото „Не користи мобилен телефон додека возиш“. На повеќе локации во и околу Крушево преку непосредна комуникација со учесниците во сообраќајот, односно возачите, беше укажувано на опасноста од користење на мобилен телефон за време на возењето, како и за сериозните последици по безбедноста во сообраќајот што може да ги предизвикува таквото однесување. На возачите им беше делен и едукативен печатен материјал изработен во соработка со РСБСП, а се со цел превенција и заштита од оваа појава и воедно зголемување на свеста на учесниците во сообраќајот во интерес на личната и на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.