28 септември 2023

Превентивни активности на СВР Битола

Полициските службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот при Секторот за внатрешни Битола денеска во основните општински училишта „Коле Канински“, „Даме Груев“ и „Св.Кирил и Методиј“ од Битола спроведоа едукативни работилници со учениците од прво одделение на тема - „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, како дел од превентивниот проект „Безбедно од дома до училиште“.

Преку соодветно подготвена презентација во рамки на работилниците, првооделенците беа запознати за значењето на сообраќајните знаци, за хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација, како и за правилата за преминување на крстосница, а со цел заштита на децата како најранлива категорија учесници во сообраќајот. На учениците по одржаната едукативна работилница им беше поделен соодветен едукативен печатен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Воедно, денеска и во Македонски Брод, полициски службеници од ОВР Македонски Брод, во делот на безбедноста во сообраќајот реализираа превентивни активности со возачи на моторни возила. Притоа, полициските службеници на возачите им укажуваа на неопходноста од доследно почитување на сообраќајните правила и прописи ,а укажано им беше и за законските санкции од непочитување на истите.

Полициски службеници од ОВР Крушево, пак, реализираа превентивни активност и во насока на заштита на шумите од шумски пожари и од незаконска сеча при што на излезите кон излетничките места во околината на Крушево тие разговараа со посетителите и граѓаните за опасноста која демне од намерното палење на ѓубре, стрништа, фрлањето запаливи отпадоци и за другите ризици што можат да предизвикаат штети на шумскиот фонд. Напоредно со ова, ОВР Крушево дел од денешните превентивни активности исто така ги фокусираше на сообраќајната безбедност и под мотото – „Не користи мобилен телефон додека возиш“ на неколку патни правци околу Крушево им делеа на возачите едукативни печатени материјали, изработени во соработка со РСБСП..