25 септември 2023

Превентивни активности на СВР Велес

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес денеска (25.09.) на повеќе локации на подрачјето на ОВР Кавадарци спроведоа превентивна активност во рамките на кампањата „Заштита на шумите од кражби на дрва“, во која во непосреден контакт и разговор со граѓаните во повеќе места во Кавадарци укажуваа дека шумите се нашето богатство кое што сме должни да го чуваме и заштитиме, а секое незаконско сечење на дрва е кривично дело кое повлекува законски последици.

Во рамки на разговорите беше апелирано до граѓаните за потребата од внимателност и совесност, но и за потребата за благовремена соработка и комуникација со надлежните служби, вклучително и полицијата во интерес на превенцијата од штетите и последиците од бесправното сечење на шумите. Целта на проектот беше да се информираат локалните жители за овој вид на криминалитет и да се подигне свеста на граѓаните во насока на поголема одговорност и соработка со надлежните институции во откривањето и спречувањето на бесправната сеча на шуми.

На граѓаните им беа поделени и едукативни печатени материјали со информативни содржини изработени во соработка со „Национални шуми“ и Шумска полиција.