25 септември 2023

Превентивни активности на СВР Тетово

На иницијатива на Отсекот за превенција на СВР Тетово денеска (25.09.) во општина Врапчиште беше организирана средба со директорите од четири основни и едно средно училишта од оваа општина, на која што се разговараше на повеќе теми и прашања поврзани со безбедноста на децата во училиштата и превенција на разните облици девијатно поведение. На средбата, полициските службеници нагласија дека е од огромна важност најодговорните во училиштата навремено да информираат за тековни или можни проблеми (инциденти) во насока на брзо и ефикасно преземање потребни превентивни и други мерки.

Од директорите на училиштата, исто така, беше побарано веднаш да алармираат и доколку забележат било какви форми и постапки на врсничко насилство во или околу училишните објекти и посебно да ги идентификуваат и посочат учениците со проблематично однесување и поведение, за да се преземат адекватни мерки. На средбата стана збор и за опасностите од користење наркотични средства од страна на малолетниците, пред се марихуана. Вакви средби до крајот на овој месец планирани се и во Тетово и Гостивар во функција на навремено превенирање на можни безбедносни проблеми во кои би биле инволвирани ученици-малолетници.