Вчера (14.09.) од страна на полициски службеници од ПС за ГП и ГН Крива Паланка во содејство со припадници на Шумската полиција „Крива Паланка“, постапувајќи во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“, на повеќе локации на подрачјето на селата Добровница и Луке, реализираа превентивни активности од областа на заштитата на шумите од пожари. Притоа, во непосредна комуникација со жителите на овие места полициските службеници укажуваа за неопходноста од внимателност и одговорност во поглед на ризиците за настанување шумски пожари, со посебен нагласок на внимателност при земјоделски и други работи. Во тој смисол беше потенцирано дека од огромна важност е соработката со сите надлежни служби (полиција, шумска полиција, противпожарни единици) затоа што е клучна брзата реакција и интервенција во случај на забележување на пожар. Воедно, на месното население му беа делени и едукативни летоци со информативни содржини изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“.
Инаку, вчера, покрај оваа активност, а во рамки на годишниот план за континуирано и стручно оспособување на припадниците на граничната полиција од РЦ за ГР Север, во ПС за ГП Табановце, беше одржана обука на тема „Употреба на мобилен систем за детекција и спречување на криумчарење на оружје за масовно уништување и радиоактивни материјали“.