Денеска (11.09.) полициски службеници од Одделенијата за внатрешни работи Ресен, Прилеп и Крушево, како и од Полициското одделение Кривогаштани, при Секторот за внатрешни работи Битола, во рамки на оперативниот план „Безбедно лето“ спроведоа превентивни активности од областа на имотните деликти, а во врска со кампањата под мотото „Безбедна заедница, мирна заедница“.
Притоа, на неколку фреквентни локации во Прилеп, Ресен, Крушево и во Кривогаштани полициските службеници разговараа со граѓаните околу соработката на полицијата и заедницата, особено во поглед на превенцијата од имотни деликти, а со цел зајакнување на сигурноста на граѓаните. Тие им укажуваа на граѓаните за важноста од благовремено пријавување на овие форми на криминал (кражби, тешки кражби, разбојништва, измами), а дополнително беа делени и едукативни летоци со информативни содржини во насока на намалување на ризиците од овие ваквите имотни деликти.