Секторот за внатрешни работи Тетово започна со повеќе превентивни активности во пресрет на почетокот на новата учебна година, а кои сукцесивно ќе се реализираат и до крајот на идниот месец. Во рамките на овие активности чиј носител е Отсекот за превенција при СВР Тетово вчера (30.08.) се одржа средба со одговорните за образование и јавни дејности во тетовската локална самоуправа, на која станало збор за мерките што треба да ги преземат локалната самоуправа и училиштата за непречено и безбедно одвивање на наставата, на организационен и друг план и посебно на планот на превезувањето на учениците до училиштата и назад.
Вакви средби идната недела ќе следуваат и во локалните самоуправи на гостиварското подрачје, во функција на навремена реализација на сите неопходни мерки. Во септември, исто така, планирани се и средби со одговорните на фирмите кои ќе го вршат превозот на учениците, на кои ќе им биде посочено дека возилата секогаш ќе треба да бидат технички исправни, да ги поседуваат потребните документи согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и да нема претовар во истите.
Инаку, Секторот за внатрешни работи Тетово со почетокот на новата учебна година ќе го зголеми полициското присуство околу училиштата пред, по завршување на наставата и на големиот одмор, како и на автобуските постојки, а се во функција на превенција и поголема безбедност на децата.