Отсекот за превенција при СВР Велес во пресрет на отпочнувањето на новата учебна година денеска (29.08.) отпочна со реализација на превентивно-едукативниот проект „Безбедно од домот до училиштето“, што оваа година за прв пат ќе се спроведува во партнерство со надлежни служби при локалните власти на Велес, Кавадарци и на Неготино.
Активностите ќе се спроведуваат континуирано во септември и во октомври, во непосредна близина на основните и средните училишта, во периодот кога учениците доаѓаат и заминуваат од училиштето. За таа цел денеска беше направена обиколка на училиштата во општините, фокусирана кон преглед на поставеноста на сообраќајните знаци од вертикалната и хоризонталната сигнализација, со кои се олеснува ориентацијата и движењето на учениците како пешаци во сообраќајот во близина на училиштата. Покрај тоа, беа евидентирани најпогодните траси за движење на децата од поодалечените места до училиштата, а на претставниците на локалните власти им беше укажано да се обезбеди проодност до сите пешачки зони на улиците кон училиштата, како и поставување на бариери за спречување директено излегување на децата од училишните дворови на коловозот.
Во оваа насока СВР-Велес упати апел до сите учесници во сообраќајот а посебно возачите, да бидат одговорни учесници во сообраќајот, да ги почитуваат собраќајните правила и прописи и со тоа да допринесат за заштита на децата во сообраќајот.