Во текот на вчерашниот ден (08.08.) полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ во содејство со претставници на Шумска полиција и на ЈП „Национални шуми“ реализираа превентивна активност под мотото „Да ги заштитиме нашите шуми од шумски пожари и бесправни сечи“.
Притоа во населените места односно селата Казандол, Башибос и Куртамзали, валандовско, во разговор со месното население, граѓаните беа информирани за најчестите причини, но и за последиците од шумските пожари и дрвокрадството како директни штети по шумскиот фонд. Истовремено, се апелираше до граѓаните за внимателност и одговорност, особено сега во летниот период, како и за важноста од соработката на локалното население со полицијата и другите надлежни институции. Локалното население беше запознато и со правната регулатива која ја опфаќа оваа област, како и за пропишаните санкции кои се предвидени за прекршување на законските норми.
Воедно граѓаните беа запознати со актуелната делумна забрана на движење по шумите и шумското земјиште во периодот од 06,00 до 20,00 часот, а појаснети беа и законските одредби со кои се санкционира ова прекршување, а им беа и делени едукативни летоци со информативни содржини изработени во соработка со ЈП„Национални шуми“.